АХВ: Храната да не се чува многу долго ниту во ладилник, да се внимава кога се купува и сладолед

Летниот период е зголемен ризикот за труење со храна. Високата температура и влажноста на воздухот се погодни за побрзо размножување на бактерии. Од АХВ советуваат на екстремно високи температури храната дури ниту во ладилник да не се чува подолго време.

-Во летниот период, посебно кога времето е екстремно топло како сега, дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време. Треба да се води смета и зготвената храна да не се остава на собна температура подолго од два часа, целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок да се олади на температура под пет степени целзиусови, а пред послужување добро да се подгрее, на над 65 степени, вели Бабовски.

АХВ на својата веб страница веќе објави предупредување до граѓаните, да бидат многу внимателни со храната – каде јадат, од каде купуваат, како ја чуваат и како ја третираат пред да ја консумираат. Со неправилна подготовка на здравствено исправна храна може да се предизвика нејзина контаминација и да се зголеми ризикот од болести преносливи со храна. Овде се спомнати петте клучни чекори што ги промовира Светската здравствена организација (СЗО) и до кои е нужно да се придржуваат сите: да се внимава на чистотата, да се одвои суровото од зготвеното, при подготвувањето темелно термички да се обработи, чувањето да е соодветно и да се користат здравствено исправна вода, како и свежи намирници, стои на страна на АХВ.

За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот,

Меѓу препораките е и храната добро да се зготви, особено месото, месото од живина, рибата и морските плодови.

Според Агенцијата, посебно внимание треба да се обрне при купувањето мајонез, масло, свежи слатки, млеко и млечни производи, месо и месни производи, риба,…

-Овие производи претставуваат голем ризик за здравјето на потрошувачите ако се купуваат на отворени пазари, без обезбедени соодветни услови. Овие производи треба да се чуваат на соодветни температурни услови, пропишани од производителот, да бидат заштитени од загадување и од топлотни влијанија и да бидат соодветно спакувани. Доколку затекнете на пазарите вакви производи за кои не се обезбедени соодветни услови за чување и продажба, немојте да ги купувате, наведува АХВ.

Како што вели Бабовски, граѓаните треба да бидат многу внимателни од каде купуваат и сладолед, а треба да обрнат и внимание на личната хигиена на оние кои продаваат, ракуваат или го послужуваат сладоледот.

Лаура Стојанова М-Нет