Ангелов: Се гаси пожарот во беровско, активиран е и хеликоптер на полицијата

Од 05 часот утринава се се гаси пожарот во беровско меѓу селата Митрашинци и Будинарци.Еден полициски хеликоптер од изутрината интензивно го гасне пожарот во беровскиот регион, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, наведувајќи дека хеликоптерот од воздух почнал да дејствува од 5 часот.

„Во моментов на терен се и десет пожарникари на ТППЕ Берово и 30 припадници на Национални шуми од подружницата на Берово, изјави Ангелов кој посочи дека пристигнуваат и пожарникарски екипи од Виница, Радовиш, Кочани, Струмица, Тетово.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од рано утринава полициски хеликоптер од Хеликоптерската единица при Одделот за воздухопловни единици во МВР, опремен со најсовремена опрема за гаснење пожари, делува на лице место во локализација на пожарот кој вчера избувна над атарот на селото Митрашинци, беровско.

„Во координација со Територијалната противпожарна единица – Берово, припадници на ЈП „Македонски шуми“ – подружница Берово и голем број доброволци се очекува пожарот што поскоро да биде ставен под контрола за да се спречи ризикот од катастрофални последици, како оние од минатогодишниот пожар во беровско-делчевското подрачје кој заеднички го гасевме“ велат од МВР.

Пожарот во атарот на с.Разловци, м.в.Ќурчински колиби, на планината Средна, каде гори сува трева и дабова шума е ставен под контрола и нема опасност од негово проширување. Опожарени се околу 50 хектари, а на терен е екипа на ШС Голак.