Ѓоковиќ кршеше рекети, судијата го нарекуваше Федерер, но влезе во полуфинале

Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ со судни маки успеа да се пласира во полуфиналето на Мастерсот во Рим, откако со 6:3/4:6/6:3 го совлада анонимниот Германец, Доминик Кепфер, 97-рангираниот тенисер на светот.

Ѓоковиќ почна фуриозно, поведувајќи со 4:1 во првиот сет, но му дозволи на Кепфер да врати брејк, што сепак, не беше доволно за да освои сетот. Во вториот сет, Ѓоковиќ почна да прави нетипични грешки, што Кепфер го искористи и по битка од 52 минути израмни на 1:1 и го примора Србинот да го искрши рекетот.

Во одлучувачкиот сет, светскиот број 1 направи ран брејк и тоа беше доволно за победа, иако загрижува што мечот го заврши со над 30 неизнудени грешки и по дури 2 часа и 12 минути. Во третиот сет се случи една неверојатна случка, кога судијата на столче по еден освоен гем извика: „Гем, Федерер“, пред да се поправи.

Во полуфиналето, Новак ќе игра со норвешкиот талент Каспер Руд, кој по тричасовна битка на „Форо Италико“ го совлада домашниот фаворит Матео Беретини со 4:6/6:3/7:6(5). Во другите две четврт-финалиња играат Рафаел Надал и Диего Шварцман, како и Григор Димитров и Денис Шаповалов.

Текстот Ѓоковиќ кршеше рекети, судијата го нарекуваше Федерер, но влезе во полуфинале е превземен од МАКФАКС.