Црковниот развод е значаен исто како граѓанскиот

Граѓанскиот и црковниот брак се нешто што е традиционално и општо прифатено кај православните христијани. Црковниот брак е една од седумте Свети тајни, и оваа тајна е голема и почива на разбирање и толеранција, но најмногу на љубов еден спрема друг. Ако сето тоа се изгуби, тогаш неизбежен е разводот.

Но, како што постои граѓански развод, постои и црковен развод. Иако државата е одвоена од црквата, според каноните и уставот на Македонската православна црква, кога веќе граѓанскиот брак е поништен, аналогно на тоа треба да биде поништен и црковниот брак.

Црковниот брак исто така се разведува како и граѓанскиот, дознаваме од свештеникот во Брегалничката епархија, Добрица Јанев.

Тој истакна дека  потребно е да се достави правосилна пресуда од граѓански разведен брак, со молба која ја разгледува Епархискиот управен суд.

Потоа судот донесува своја одлука за разведување на црковниот брак и истата се објавува во Службениот весник на Македонската православна црква, во рубриката за соодветната  Епархија – објаснува Јанев.

-Во секој службен весник може да видите има разрешување и разведување од црковен брак и тоа е потребно за после оние наши Христијани кои сакаат и по втор пат да стапат во брак, да го имаат овој развод црковен за да можѓеме повторно да ги венчаме со тоа што во црквата постои чин на второбрачни, се читаат некои други молитви и црквата дозволува до втор брак. За трет брак веќе треба одлука на Синод и на Архиепископот – рече Јанев.

За сите што ќе поднесат барање за венчавање во црква, се врши увид дали претходно биле венчани, и доколку биле, а не се разведени се упатуваат да поведат постапка при Епархискиот црковен суд за да се запази таа формалност. Свештеникот Добрица Јанев вели дека на верницит во Брегалничката Епархија им е позната постапката за црковен развод.

-Сите оние околу 80 отсто до сега што се развеле од граѓански брак, поднесуваат барања за црковен развод,  оние што сакаат по втор пат да се венчаат, оние што не сакаат, не можеме да ги натераме на сила. Не можеме да ги бараме кои се разведени граѓански. Тоа го оставаме на совеста на верниците, сами да си донесат одлука дали ќе дојдат да побарат црковен развод и дали ќе сакаат по втор пат да се венчаат – истакна Јанев.

Црковниот брак односно венчавањето е една од седумте Свети тајни, останатите  Свети тајни се Крштение, Свештенство, Миропомазание, Осветување на масло, Исповед или Покајание и Евхаристија.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ