Спортски карантин средби: Михаил Чаршавски „моторот“ на ФК „Брегалница“ со правничка тапија

Градот Штип е фудбалска Мека на добриот стар Исток кој отсекогаш бил привлечен како магнет за голем број таленти кои својот раскош сакале да го даруваат на гледачи, навивачи кои ги полнат трибините и кои го разбираат фудбалот. Голем број од нив успевале и со своите волшебни потези и атрактивни голови ги дигале гледачите на нозе и ги принудуваше да им ракоплескаат и во еуфорија да ги скандираат нивните имиња. Брегалница е бренд, институција која со филмска брзина ита кон Сто годишниот Јубилеј 1921 – 2021 и во текот на вековната историја оставила визит карта достојна за почит во некогашна Југославија по градовите, Белград, Ниш, Краљево, Чачак, Крушевац, Ужице, Пирот, Суботица, Нови Сад Зрењанин. За волја на вистината за угледот, за резултатите, за успесите на Брегалница заслугата е на многу играчи кои со овој текст ќе ги преставиме како домашни и странски или играчи кои доаѓале од страна од Македонија и пошироко од Југославија. Сите тие имат изгравирано свое фудбалско камче во тогашниот второлигашки фудбалски мозаик на Брегалница. Со сиот респект кон сите тие сепак фудбалската јавност во Штип со страхопочит ги споменува и носталгично се присетува на имињата на Михаил Чаршавски кој доаѓа од Виница, Александар Шуменковски од Тетово и Ристе Божинов од Струмица или родното му Василево. Да се дојде во Штип, да се доживее Штип да се остават младешките денови во Штип да се допаднеш на Штипската навивачка публика беше доблест за овие и воопшто за сите играчи – дојденци. Александар Шуменковски страшен фудбалер со неверојатен инстикт и мирис за гол со неверојатна финеса на штопување на гради чиј тресок ми се чини сеуште одзвонува во ушите на навивачите, и веднаш потоа прецизен волеј за атрактивен гол.

Ристе Божинов, низок по раст но голем фудбалер, вистинско шило кое знаеше да се пробие и како низ иглини уши да ја помине противничката одбрана и често пати да ја затресе противничката мрежа.

Михаил Чаршавски беше радилицата, моторот на Брегалница со правничка „врлина“. Паралелно со фудбалот Михаил се посветуваше на книгата, на испитите на Правниот факултет во Скопје. И најважно милиметарски прецизно успеа и во фудбалот и во студиите. Но, да се навратиме на најважните моменти кој го красат овој скромен но доста културен и комуникатевен човек. Почетоците на кариерата му беа во родната Виница Релативно млад, раскошен талент со бујна фудбалска фантазија и со огромно задоволство ја започнува својата фудбалска бајка на неполни 16 години во Слога, Виница во 1964 година. Благодарејќи на Штипскиот секретар на Фудбалскиот сојуз, Ванчо Велков настапува за селекцијата на Источниот регион на Младинско првенство во Битола и го прогласуваат за најдобар фудбалер. Истата година оди на Југословенскиот младински турнир во Загреб каде го забележува светски признатиот стручњак Миљан Миљанич кој го повикува во младинскиот тим на Југославија. Како гимназијалец веќе го привлекува вниманието и во следната 1965 година кога доаѓа во Брегалница и станува стандарден првотимец. Есента таа година настапува на турнирот на Републиките во Крањ по што добива одлична покана од Скопски Вардар за што Брегалница дава согласност. Интересна е судбината на Михаил Чаршавски во Вардар. Се запишува на факултет и патувајќи кон големите фудбалски центри на средбите против Хајдук, Динамо, Црвена Звезда, Војводина , тој во возовите или автобусите постојано другарува и времето го скратува со книгата. Неговата филозофија во услови на аматеризам е паралелно да се посвети на студирањето и обезбедување на животна егзистенција. Во Вардар доживува моменти на кои се сеќава и кои со пиетет ги раскажува. Во сезоната 1965 – 66 средбата Партизан – Вардар наликува на меч за инфаркт. Партизан на полувремето поведува со 4:1. Веднаш на почетокот на вториод дел Партизан зголемува на 5:1. Чаршавски постигнува гол за 5:2, подоцна голови постигнуваат Сократ Мојсов и Мето Спасовски и намалуват на 5:4. Во самиот финиш Чаршавски има шанса за постигнување на гол за израмнување, но поради калливиот терен за миг задоцнува и промашува празен гол. Партизан со Шошкич, Јусуфи, Миладиновиќ,Бечејац, Рашовиќ,Васовиќ,Бајиќ, Ковачевиќ, Хасанаѓиќ,Галиќ и Пирмајер таа година е шампион на Југославија и доживува звездени моменти во тогашниот Куп на Европските Шампиони играјќи во финале против Реал Мадрид, меч во кој загуби со резултат 2:1.

Вториот интересен момент со Вардар се случува во истата таа сезона на натпреварот Вардар – Војводина (Ниви Сад) кој го доби Вардар со резултат 2:1. Фудбалерите Сократ Мојсов, Диме Ѓоргиев, Мите Атанасовски, Ковачевски, Мето Спасовски, Соколовиќ, Чаршавски, Дробац, Живко Поповски, Илија Мојсов и Кирил Дојчиновски ја имаа таа чест за прв пат во историјата на Вардар да настапат во новиот Црвено – Црн дрес, подарок од Италијанскиот Калчо лигаш Милан. Од тогаш од таа 1966 година па се до ден денешен фудбалски Вардар го краси овој веќе традиционален дрес.

Во Брегалница Михаил Чаршавски се враќа како зрел фудбалер кој си ја знае својата работа. Вистинска „кртица“ по теренот, со неверојатна физичка подготвеност и со бразилска фудбалска техника придонесува за подемот на Брегалница која во сезоната 1971 – 72 година на три кола пред крајот во Втората Сојузна лига имаше шанси за Бараж во Прва лига. Имено во Штип гостуваше токму ривалот за второто место тимот на Борец од Чачак. Со победа Брегалница сигурно ќе обезбедеше бараж бидејќи до крајот ќе играше со веќе отпишаниот Тиквеш во Кавадарци и на „градски“ во Штип со слабиот Раднички од Пирот. И како што се случува во такви решавачки моменти Брегалница загуби со резултат 2:1 и ја пропушти единствената шанса за пласман во Првата Југословенска лига. За овој настан Чаршавски има верзија во анализа на утакмицата со тогашниот легендарен „технико“ Симеон Балабанов кој кај штипјани е познат како „Бате Моне“ кој се сомневал во „намештаљка“. Имено Чсаршавски и Балабанов се присетуваат дека таа недела пред мечот со Борец, тогашниот тренер Љубиша Арсенијевиќ бил во Белград и во Штип се вратил во Петокот. Петокот бил пеколен за штипските сини бидејќи Арсенијевиќ под изговор дека лошо тренирале цела недела ги изложил на невидени физички напори со премногу шпринтови и трчање. Сомневањата се тие, физичката преоптовареност или сепак психозата си го направи своето,поразот е доживеан, шансата е пропуштена.

Михаил Чаршавски со носталгија се потсетува на соиграчите во Брегалница од тој период, а времетраењето на неговата кариера во Брегалница е полни шест и пол години. Започнува со оние дојденците од страна меѓу кои е и тој самиот : Александар Шуменковски, Шопов, Сиваков, Гоцевски, Думановски, Тодоровски, Мими Божиновски, Божинов, Профировиќ,Бандука, Џаковиќ потоа домашните играчи Арсов, Илјадников, Икономов,Петровиќ, Желев, Ражанков,Ќертков и уште многу други кои како и самата река надојдуваа и градеа своја блескава кариера, Шумански, Штериев, Христовски….

Карактеристично за Штип трибините беа секогаш полни,Чаршавски вели дека играчите на теренот го чувствуваат пулсот на фановите кои едноста живееја за Брегалница. Да се игра пред таква публика едноставно се осеќаш како забрефтан мотор кој едноставно сака да полета, да се докаже, да го сомеле противникот. Да се надмудруваш со еден Радомир Антиќ, со Стеван Остојиќ, Богдан Турудија, Совровиќ и уште многу прекалени играчи и притоа да се победи една Будуќност од Титоград, ОФК Београд, Напредак од Крушевац, Слобода од Титово Ужице, беше чест и привилегија целата играчка тајфа да се „истафри“ ем на теренот, ем вечерта на Корзото во Штип.

Се памти и натпреварот Брегалница – Работнички во последното коло на Втората Југословенска лига во кој меч на Брегалница и требаше само победа а на Работнички му беше доволен и нерешен резултат за да остане во лигата. И покрај сета желба, и покрај сите напори, френетична подршка од раздраганите навивачи Брегалница имаше негатива во првиот дел, односно водство на Работнички предводен од Томче Трајановски со резултат 0:1. И нормално реакции од трибините, по некоја непријатност, псовки, вреѓање кое сето тоа играчите го осеќаат на своја кожа. Затоа во такви моменти се потребни и играчи кои не ѓи напушта духот на самодовербата, даваат елан, вдахнуваат некоја чудна мотивираност со желба да се направи пресврт. А кој друг би го направил тоа освен беспрекорниот борец, Ристе Божинов. „Чекајте бе дечки, што сте свенале глави, има и второ полувреме“ – кратко и јасно знаеше да згрмне Божинов. И види чудо, први моменти од вториот дел и Ристе Божинов го израмнува резултатот на 1:1. За вториот гол се погрижи Чаршавски со убав лоб удар го надмудри голманот на Работнички Чочков. Третиот гол беше повторно дело на „мотиваторот“ Ристе Божинов, победа на Брегалница од 3:1 во овој би рекле вистински квалификациски меч и опстанок во Втората лига.

Михаил Чаршавски беше идејниот креатор на тимот на Брегалница до сезоната 1973-74 година оставајќи впечаток на врвен фудбалер и одличен студент со крунисана диплома на правен факултет. Докажа и покажа дека спортот и науката можат паралелно да се натпреваруваат и успешно обете да триумфираат . Штип и Штипјани се постојано во неговото срце, со една незаборавна младост доживеана и проживеана со како што вели добри луѓе кои останале бо неговото срце до ден денешен. Во предвечерјето на Сто годишниот Јубилеј на ФК „Брегалница“ името на Михаил Чаршавски има специфично место како поттик за многу млади спортисти како успешно се трасира патот во спортот, во училиштето, факултетот.

Драги Герасимов Пушка