Се обединува опозицискиот фронт, ФРОДЕМ преминува во ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти дека уште една десничарска проопозициска структура во Македонија се приклучува кон ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е ФРОДЕМ.

„Како што и претставникот самиот кажа препознавајќи ги политиките на новото раководство, а потребите на новото време за обединување на опозицискиот фронт ФРОДЕМ одлучи во иднина да дејствува во рамките на структурите на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија.

Јас сум исклучително среќен што изминативе неколку недели можевме искрено, пријателски, братски да поразговараме за проблемите кои што заеднички ги идентификувавме. За истите тие проблеми се обидуваме да најдеме заеднички решенија бидејќи не треба да ги гледаме работите само од денеска за утре, туку треба да ги гледаме работите и така да им приоѓаме стратешки, визионерски“, вели тој.

Мицкоски додава дека окрупнувањето на опозициските партии во иднина ќе продолжи.

„Состојбата во Македонија е би рекол на ниво национална катастрофа, катаклизмична и алармантна, ова не го зборувам само со цел да звучам како опозициски лидер, туку едноставно го зборувам како човек. Не може да најдеме и да издвоиме на кое поле Македонија е денеска држава која што блеска, како што тоа мафијата во владата љуби да го каже. Буквално во економијата, во здравството, во образованието, културата, спортот, буквално на секој план ние денеска тонеме се повеќе и повеќе на дневна основа. Затоа ги повикувам сите оние кои што гледаат политички противник во мафијата на власт, да ни се приклучат заеднички да се бориме против криминалот, корупцијата, понижувањата, омаловажувањата, срамот кои што се присутни веќе четврта година на македонската политичка сцена.

Оттука да завршам, огромна благодарност до господата од ФРОДЕМ кои што одлучија да надминат голем број од бројот на проблемите кои што беа присутни во минатото, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да се бориме за една подобра и посреќна Македонија и за една заедничка иднина во Македонија“, вели тој.

Текстот (Видео) Се обединува опозицискиот фронт, ФРОДЕМ преминува во ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.