Почина Винстон Грум, авторот на романот „Форест Гамп“

Авторот на романот „Форест Гамп“, според кој е снимен холивудскиот филм во кој глуми Том Хенкс, почина на 77-годишна возраст, објавија американските медиуми.

Винстон Грум почина во неговиот дом во Ферхоуп, Алабама, објавија американските медиуми, цитирајќи ја градоначалничката Карин Вилсон.

„Исклучително сме тажни поради веста. Овде тој беше икона”, изјави Вилсон за „Си-ен-ен“, додавајќи дека причините за смртта не се познати.

Според локалниот портал АЛ.ком, Грум служел како војник во Виетнам и пренесол дел од своето искуство во главниот лик на романот „Форест Гамп“ од 1986 година, кој се стекна со светска слава токму благодарение на филмот и брилијантната интерпретација на Том Хенкс во главната улога.

По враќањето од Виетнам, Грум работел како репортер за „Вашингтон стар“, следејќи го судството и сојузниот правосуден систем, но поднел оставка за да се посвети на пишувањето.
Неговиот прв роман „Better Times Than These“ е објавен во 1978 година.

Грум исто така пишувал публицистички дела, вклучително и за американската граѓанска војна.

Неговата книга „Разговори со непријателот“ (1982), приказна за еден маринец во Виетнам, кој избегал од логор и се врати дома во САД за да биде уапсен за дезертирство 14 години подоцна, се натпреваруваше за Пулицеровата награда за новинарство во 1984 година.

Текстот Почина Винстон Грум, авторот на романот „Форест Гамп“ е превземен од МАКФАКС.