Најдобра платформа за презентација на музички квалитет се вика „МАКФЕСТ“

Диригентската палка на  Љупчо Мирковски и придружбата на „Big Band“ синоќа го прикажа 35 годишното макфестовско музичко виножито. „Макфест“ уште еднаш одекна феноменално, тоа го евидентираше и бурниот аплауз на лимитираната  по бројност публика која сведочеше на успешната реализација на првата од двете фестивалски вечери од ревијалната програма. И самите исполнители, традиционални креатори на штипскиот фестивал со гордост констатираа дека синоќа „ Макфест“ повторно се надмина себе си. Таков беше впечатокот и на уметничкиот директор Владимир Дојчиновски.

„ Нема подобра платформа за презентација на квалитетна музика, за презентација на себе си како уметник. Макфест како фестивал е незаменлив благодариме на градоначалникот и претходниот и заменикот за храбриот чекор да се одржи континуитетот на фестивалот“

35-тото издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ преку своите фасцинантни музички настапи го одбележаа  Џина Папас Џокси,Трајче Манев, Група “Интервали“, Лидија Кочовска, Мики Јовановски Џафер, Дарио, Ристо Самарџиев и Олгица Христовска. Општиот впечаток за крајот на синоќешниот празник на музиката под Исарот нескромно го соопшти човекот кој 2 децении е хроничар на настаните.

„Неверојатно е за мене лично колку сево ова испадна светски и прекрасно, поклон до нашите изведувачи кои вечерва се надминаа себе си. Во ваква состојба на корона вирус ,Макфест изгледа светски и најважно е што правиме прослава на 35 годишен јубилеј, ја славиме и забавната музика.“

На вечерашнава натпреварувачка вечер ќе продефилираат 24 музички имиња. За првата награда од 300 000 денари ќе се натпреваруваат млади музички имиња како и веќе познатите- Ѓоко Таневски, Нокаут, Биба Додева, Филип Божиновски, Омар Џафероски, Димитар Андоновски и единствениот настапувач од Србија кој годинава ќе го задржи интернационалниот дух на фестивалот, Милан Бујакович.

Публиката која синоќа се надмина себе си со манифестација на свесност, совесност и култура на однесување при пандемија  со корона вирусот вечерва со нетрпение го очекува настапот на можеби најзаслужниот музички креатор на голем дел од досега пласираните илјада хитови и евергрини, Григор Копров. Дефиниран како најдобра фестивалска платформа од најдобриот музички бренд „Макфест“ и вечерва се очекува да продолжи со континуираното лансирање на нови  музички ѕвезди.

Маре Стојилова М нет

Дарко Донев М нет