Мрежата за заштита од дискриминација бара транспарентен избор на членови на КСЗД

Мрежата за заштита од дискриминација остро ја осудува одлуката на Владата со која се одбива предлогот на граѓанските организации за транспарентна и инклузивна постапка за избор на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Со оваа одлука, велат Мрежата, од една страна, Владата покажува дека има намера да назначува партиски кандидати во тело кое според закон мора да биде независно, со што повторно ќе ги лиши граѓаните од ефикасна и ефективна заштита на нивните права.

„Од друга страна, нетранспарентното и паушално отстранување на членови од закон, предложени од здруженија на граѓани и екперти од областа, без никаква дебата и образложение, само за да се задоволат нелегитимните партиски интереси, зборува за недемократски и понижувачки однос кон здруженијата на граѓани, а фрла сенка и врз ветувањата за владеење на правото и унапредување на еднаквоста. Ваквиот начин на делување и донесување одлуки, беше својствен за претходната власт, а од сегашната беше опишуван како режимски и недемократски. Но, очигледно е дека, клучниот проблем во нашето општество, партиските влијанија во секоја пора кои генерираат нееднаквост и сиромаштија за едни, а незаконски привилегии и коруптивно однесување за други, сѐ уште нема волја да се разрешат“, се наведува во соопштението.

Мрежата за заштита од дискриминација бара од сите пратеници на Собранието да предложат амандман со измени на член 18, во врска со постапката за избор на членови на Комсијата за спречување и заштитата од дискриминација. Исто така, бара Собранието да го денесе овој Закон во најбрз можен рок, без дополнителни одлагања и да спроведе транспарентен и инклузивен процес за избор на членови на КСЗД.

Текстот Мрежата за заштита од дискриминација бара транспарентен избор на членови на КСЗД е превземен од МАКФАКС.