
Од 200 илјади денари минатата година, клубот Баргала оваа година од Општина Штип добива само 60 илјади денари. Тренерот и претседател Јонче Манојлов реагира на ваквата одлука која помина на седница на совет во вторникот, бидејќи според него овие средства се малку за клуб кој е рангиран меѓу најдобрите, има освоено 20 титули за екипно првенство, а 22 пати биле шампиони.
„Барањата беа упатени до Совет на Општина Штип, средства кои секоја година ги финансира градоначалникот оделени за спортот. Ние како боксерски клуб поднесовме барање кое го имаме доставено, ние сме 22 шампиони, 20 титули имаме за екипно првенство и сме рангирани како едни од најдобрите клубови на Македонија. Имаме доделено 60 илјади денари средства кои се многу малку.“ вели Маноjлов.
Според Маноилов ваквата одлука е заради лични интереси. Обвинува дека градоначалникот самоволно одлучил сумата од 200 илјади денари да се намали на 60 илјади денари, додавајќи дека тоа се пари на граѓаните и треба рационално да се распоредат за развивање на спортот во општината.
„Сепак тоа мислам дека се некои приватни работи меѓу мене и градоначалникот, бидејќи се имаме скарано. Јас реагирав кај сите советници. Тоа се средства од сите граѓани кои го плаќаат данокот, тоа не се негови лични средства за тој да додели на кој колку сака“ – додава Маноjлов.
На ова од Општина Штип велат дека средствата се распределуваат од страна на комисијата.
„Средствата за материјална поддршка на спортски клубови, здруженија и спортски институции се распределуваат од страна на комисија формирана од Советот на Општина Штип согласно правилник и посебна методологија за формирање на ранг листа според бодови и критериуми кои што се донесени претходната година за прв пат, со цел да се постават норми за рамноправна распределба на средствата.
Барателите согласно правилникот доставуваат програма и финансиски извештај за искористените средства од претходната година според кои посебната комисијта одлучува за износот на добиени средства.Доколку некој од спортските клубови,здруженија и институции сметаат дека не се правилно рангирани имаат право на приговор.“ – велат од општината.
Комисијата за спорт е составена од девет членови. Од таму велат дека сите заеднички едногласно ја донеле одлуката, а се работело согласно правилници. Лани имало пријавено само 20 клубови, оваа година бројката пораснала на 42 клуба, а Буџетот останал ист. Од Комисијата посочуваат дека приоритет се дава на женските спортови со цел да може и тие да се развиваат и да напредуваат на територија на Општина Штип.
Лаура Стојанова М-Нет