ДПС „Лисец“ од Штип со „QR code“, со мапи, билборди и патокази ја доловува планинската убавица Плачковица

Активностите на членовите на Друштвото за Планинарски Спортови (ДПС) – „Лисец“ се одвиваат со несмален интензитет. Љубовта кон планините, мирисот на питомата дивина и херојската упорност се одлика и дар од Бога за штипската алпинистичко – планинарска „клапа“ која не престанува со пријатните изненаdувања. По поставувањето на „ферата“ на врвот Лисец (1754 мнв) членовите на Лисец се одважија со нова атрактивна динамика за доближување на планинската убавица Плачковица кон сите оние кои ги милуваат планините и секое нивно катче.

А според зборовите на Претседателот на ДПС „Лисец“, Александар Санев катчиња на Плачковица има безброј и сите тие нудат своја убавина која е вистински рај и предизвик за посетителите, убавина која треба да им се прикаже како на дланка.

Претседателот Санев ги издиктира најновите моменти кои се и те како важни и клучни за откривање и брзо осознавање на планинските тајни. Поставени се мапи со „QR code“ на 30 билборди и 30 патокази кои поминуваат преку 4 кањони, 4 пештери и 4 врвови.

Четирите кањони се: Камник, Комитски кањон, Козјак и Ломија.

Четирите пештери се: Ќуп, Ајдучка пештера, Туртелска пештера и Голема пештера.

Четирите врвови се: Црквиште, Туртел, Лисец и Бел Камен.

Сите овие планински обележја се одликуваат со своја природна убавина, раскошен амбиент а ова особено важи за четирите кањони кои според зборовите на Александар Санев се најбогати во Македонија со водопади, слапови и езерца. Сета оваа убавина со најновите обележја и ознаки ќе биде планинскиот магнет за љубителите на планинскиот туризам од цела Македонија па и пошироко да ја видат, да ја запознаат и да се воодушевуваат на оваа убавина која членовите на ДПС „Лисец“ со своите беседи ќе им ја зачинат и со најразличните видови на билки и чаеви од кои најпознати се кантарион, мајчина душица и уште многу други. Плачковица мами и привлекува, дечките од Лисец успешно ја прераскажуваат сказната за оваа убавица која откако ќе се запознае од близу ќе биде уште по мила, уште повеќе загадочна бидејќи си содржи уште неоткриени убавини кои ќе бидат некој нов предизвик за некои нови авантури, откритија а се во интерес на армијата планинари, алпинисти и секако обични граѓани и рекреативци.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk