ДОМ предложи кандидати за две клучни места во екологијата

Зелената партија ДОМ предложи заменик министер во Министерството за животна средина и просторно планирање и директор на Државниот инспекторат за животна средина, кои се две клучни места преку кои може ефикасно да се води борбата со загадувачите на воздухот, водата и почвата.

За заменик министер во Министерството за животна средина и просторно планирање е предложена Христина Оџаклиеска, доктор на географски науки, со специјалност во областа на заштита на животната средина, која доаѓа од Агенцијата за просторно планирање, каде работи како планер со посебни овластувања за заштита на животната средина и природното наследство.

„Оваа функција ќе овозможи директно учество на ДОМ во Владата и поголемо влијание врз зелените политики и заштита на животната средина“, велат од партијата.

За директор на Државниот инспекторат за животна средина е предложена Ана Петровска, досегашен државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, која е долгогодишен граѓански активист и експерт во областа на животната средина.

„Ова е најжешкото еколошко столче во државата, каде во кус период преку Мирослав Богдановски покажавме како се работи. Токму затоа инсистиравме на оваа позиција, каде е потребна посветеност, стручност и интегритет, за да се спречи загадувањето и да се откријат и казнат загадувачите“, велат од ДОМ.

Текстот ДОМ предложи кандидати за две клучни места во екологијата е превземен од МАКФАКС.