Блупринт групата за изборот на Абази: Процесот не беше доволно транспарентен

Блупринт групата за реформи во правосудството смета дека изборот на Ислам Абази, шеф на ОЈО-ГОКК е со недоволна транспарентност и со пропусти. Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за правни истражувања и анализа, Фондација Отворено општество – Македонија посочуваат дека за кандидатите немало доволно податоци во јавност, не се знаеле детали за нивната кариера, ниту пак јавно биле објавени биографиите.

„Имено, процесот на избор беше недоволно транспарентен, па за четирите кандидати недостасуваа податоци за професионалната кариера. Јавноста, а посебно стручната јавност, немаше можност да се запознае со предлог програмата на кандидатите што би влеало доверба во процесот, а би влијаело на доверба во институцијата. Ова е особено важно ако се земе предвид дека станува збор за Обвинител кој ќе раководи со Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, чии постапки се од висок интерес за јавноста, медиумски се експонирани и значително влијаат врз формирањето на мислењето и довербата на јавноста во обвинителството и судството во целина“, забележуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Според нив, не се запазени ниту ниту минимум стандарди за изборот да биде оценет како транспарентен.

„Блупринт групата укажува дека не се запазени ниту минимум стандарди за изборот да биде оценет како транспарентен, затоа што биографиите на кандидатите со нивните професионални компетенции не беа објавени на веб страницата на Советот на јавни обвинители, кој ги спроведува изборите. Блупринт групата изразува загриженост и за начинот на објавување на неофицијалните информации за изборот на Основниот јавен обвинител на ОЈО-ГОКК пред официјално да бидат собрани гласовите од страна на Комисијата за спроведување на изборите и очекува објективно и непристрасно известување базирано на докази и официјални извори“, додаваа оттаму.

Според од Блупринт групата за реформи во правосудството, неопходно е да се зголеми транспарентноста, за да нема сомнежи при изборот, кои пак, влијаат на довербата на институциите.

Текстот Блупринт групата за изборот на Абази: Процесот не беше доволно транспарентен е превземен од МАКФАКС.