
Македонскиот музичар Благој Ламњов на 27 јануари ќе одржи концерт во малата сала на Дом на култура – Штип. Станува збор за негов прв концерт во Штип по повеќе од две децении, град во кој го завршил средното музичко образование пред 23 години.
Концертот ќе се одржи во интимна атмосфера, бидејќи салата располага со околу 100 седишта. На програмата ќе бидат изведени композиции од албумите „Nostalgic Love“ и „Nostalgic Love 2“.
Благој Ламњов е композитор, автор и изведувач, познат по својот мелодичен и емотивен стил. Во својата кариера има реализирано повеќе авторски проекти и настапи во земјата и странство.
На концертот во Штип, на сцената со Ламњов ќе настапи и Стојанче Наумовски, кој ќе биде задолжен за клавирската придружба.
По завршувањето на концертот, најавено е и неформално дружење со публиката. Настанот се очекува да привлече љубители на инструменталната и авторската музика од Штип и регионот.